Бојан Влаќевски за влакно до медал на Светското поединечно првенство во куглање 2018 во Клуж (Романија)

Нашиот кугларски „дијамант“ Бојан Влаќевски кој ги брани боите на к.к.Медвешчак - Загреб, ја доби шансата да настапи за Македонија на единственото место во дисциплината Single Classic кое WNBA NBC ѝ го додели на нашата држава, да се натпреварува на Светското поединечно првенство во Клуж, Романија за сениори, кое се одржа од 20.05-26.05.2018 година



Одлуката токму тој да биде во борба за најпрестижната титула била едногласна на целата делегација која допатува во Романија. Овој лимит на настап на наши играчи од WNBA NBC се засновува поради фактот што Македонија е отсутна цели 5 години од големите првенства (вината за оваа катастрофална состојба е исклучиво во Управата на КФМ, но тоа би било тема за некој друг пост).



За Бојан и не треба нешто посебно да се зборува, за неговото кугларско педигре, за неговата кристално чиста кугларска кариера и врвните резлтати кои ги постигнувал зад себе, како за клубовите за кои настапувал, така и за националниот дрес. Бојан е единствениот куглар роден во Македонија кој ја има надминато бројката од 700 соборени чуњеви, како вкупен резултат на еден натпревар итоа токму оваа година. 

„Резултатот од 701, кој го остварив во Хрватска, само беше мотивација плус да продолжам во тоа што го правам, а околу самодовербата беше, и најчесто била на високо ниво“ - изјави Влаќевски за блогот на к.к. Хераклеа.  


Стартот на СП беше повеќе од одличен, со одличното отворање во првиот настап Бојан собори вкупно 660 (254), што беше доволно во квалификациите да го освои 5-тото место за во продолжение на натпреварувањето да му овозможи да добие полесен противник т.е. 28-мо пласираниот  DIRNBERGER Mathias од Германија.

Како што е карактеристично за нас и нашиот менталитет, Бојан започна одлично и имаше водство во текот нa целиот натпревар, за на крај да го занемари фактот дека игра против Германец и дека отпорот нивен не завршува се до последната кугла, дојде до опуштање и својствено на тоа и грешки, што прилично му зададе проблеми околу одбраната на својата предност и со само една кегла и 2:2 во сетови (656), успеа да помине во наредната фаза т.е. во 1/8 финалето.

„Инаку нема натпреварувачи на СП за кои можеш да кажиш дека лесно ќе ги победиш. Тука нема време за калкулации и опуштања, каде што за малку поради моја грешка ќе загубев во 1/16 финалето“ - изјави Бојан.





Во 1/8 финалето кое се играше утрото на 25 мај, Бојан успеа да го надигра својот противник од Унгарија,  KOZMA Karoly и со убедливи 4:0 и огромна предност од 76 дрва (680), да влезе уште посамоуверено во наредната фаза.




Но, форматот на натпреварување кој го наметнува светската федерација е ужасно тежок. Во истиот ден се играше и 1/8 финале и 1/4 финале, итоа со временско растојание само од 150 минути, што бара исклучително, исклучително физичко-психолошка подготвеност.


„Не сум се сретнал досега со ваков формат на натпреварување, и е премногу тешко да се изджи тоа. Мора и физички и психички да си спремен за да стигнеш до некој повисок дострел. Од моја гледна точка јас бев само психички спремен. Нозете се грчеа при крајот, стануваа тешки да неможеш да го направиш она што го замислуваш“ - рече Бојан.




Во 1/4 финалето Бојан го доби за противник WEISS Manuel повторно куглар од Германија.

WEISS во квалификациите имаше послаб резултат од Бојан т.е. 639 и 13 место за разлика од 5-тото на Бојан. Во другите натпревари 666 и 633 во 1/8 финалето, што беа далеку послаби од Бојановите 680. Со победа над Германецот, Бојан ќе играше во 1/2 финале, што по автоматизам ќе значеше и загарантиран бронзен медал за Бојан и Р.Македонија (бидејќи не се игра мало финале според овој формат).




Почетокот во 1/4 финалето беше одличен. Бојан со одлични 172:166 успеа да се наметни во првиот сет и да ја придобие психолошката предност во овој дуел. Германецот изигра брилијантен втор сет и не само што го освои сетот туку и се стекна со разлика од 17 дрва. Бојан успеа да се врати повторно во игра добивајќи го третиот сет со 3 дрва и стекнувајќи водство од 2:1.

Во оваа ситуација, на Бојан му требаа или нерешен четврти сет, или предност од чун или повеќе за победа.


Одлично отвори во четвртиот сет и на 15 кугли во полни Бојан имаше предност од 4 дрва, земајќи ги во предвид и оние 2:1 во сетови, итоа како значителна предност.

Но, Германецот, среќно 16-та кугла т.е. првата кугла во чистење 9, на сметка на Бојан кој несреќно доби распар 7,  па уште еден распар за Бојан, па и трет што му даде огромна предност и крила на Германецот за да го добие четвртиот сет и воедно да се пласира во 1/2 финалето.




Линкови од официјалните документи за настапот на Бојан Влаќевски:
2.Втора фаза - финале http://www.wnba-nbc.de/2018-Single-m-Tabelle.pdf

Недостигаше спортска среќа за Бојан во овој дуел и еден убав удар на чистење го делеше од медал. Но тоа е, куглањето е таков динамичен спорт каде што решаваат толку ситни финеси што многу тешко се објаснуваат за оние кои не се добро запознаени со овој спорт.

Дефинитивно еден успешен настап, огромен успех за Бојан, за Македонија, за македонското куглање, за новите генерации на куглари, за спортот воопшто.  

Автор: Игор Михајловски