Sunday, April 22, 2018

Кугларски спринт, за прв пат во Битола


Кугларскиот клуб Хераклеа иако „тенок“ со финансии и без значајни спонзори уште еднаш покажа и докажа дека не секогаш финансиите ја играат пресудната улога за добра организација на еден турнир. 

-Ентузијазмот и времето што нашите членови на клубот го вложија за да биде перфектна организацијата, ме прави посебно горд и ни дава дополнителен мотив да се избориме за остварување на нашиот сон - нова куглана во Битола“ - изјави Игор Михајловски, член на УО на к.к. Хераклеа.

Во саботата одлично беше организиран тромеч во Скопје види повеќе, а како добри домаќини во агендата беше вметната и прошетка низ винскиот регион на Р. Македонија и посета на една атрактивна винарија во Демир Капија - винаријата Попова Кула.

Вечерта големиот успех на к.к.Хераклеа и влезот во големото финале на Купот на Македонија беше пригодно одбележан во еден ресторан во Битола каде што гостите се забавуваа на македонската музика која дополнително придонесе за продлабочување на пријателството помеѓу двата клубови.



Утрото гостите имаа можност да се запознаат со убавата архитектура на прекрасната Битола, знаменитостите во градот, како и да се релаксираат со лежерно неделно кафе на Широк Сокак.
Турнирот во спринт 





Натпреварот започна во недела на пладне, и по вообичаените подароци кои се разменуваат на секој меѓународен натпревар, за прв пат во Битола се играше популарната дисциплина спринт која е атракција на големите европски и светски натпреварувања.

Во едно динамично темпо, каде се кугла 10 кугли во полни и 10 во чистење, на две патеки, а доколку е нерешен резултатот на стазите се исфрла по една кугла во полни, или доколку е 1:1 во поени по три кугли во полни, крајно неизвесно (слично на изведување на пенали во фудбалот), каде што победникот продолжува во наредната фаза, а поразениот отпаѓа, најпрво ги добивме првите 1/8 финалисти, па 1/4 финалисти, за веќе во 1/2 финалето да играат Пеце Димовски и нашиот најмлад куглар Никола Андоновски од нашиот клуб и Страхиња Драмичанин и Гојко Ескиќ од екипата на к.к. Цар Лазар - Крушевац. 

Во крајно неизвесни дуели кои будеа воздишки или еуфорија во публиката каде што одлучуваше само една кугла или само еден чун, најдобар и најсреќен беше Богдан Драмичанин кој е исклучително добар и изграден куглар, поранешен младински репрезентитев на Србија, во финалето за влакно беше подобар од нашиот Никола Андоновски, инаку јуниорски првак на Македонија за 2016 година. Никола не го послужи среќа во последната кугла и кога очекувавме пехарот да премини во рацете на Никола на кого му требаа 5 од 9 на пенал рулетот, чуњевите се разнишаа но не паднаа доволно и со само 4 паднати дрва, Никола мораше да се помири со второто место. 
















Полуфинале на спринтот во Битола

Финалисти на спринтот

Денес во кугланата во Битола немаше место каде да се седне, а радува фактот што се повеќе млади доаѓаат на натпреварите кои ги има нашиот клуб. Позитивните искуства кои ги разменивме со нашите пријатели од Србија, се надеваме дека ќе ни помогнат во иднина во подобрување на сопствената игра, во тренажните процеси како и во креативноста и лукавоста на српските власти кои обезбедиле средства за реконструирање на кугларските објекти ширум Србија, што итоа како треба да биде искористено како позитивна пракса и кај нас.

Меѓународен тромеч во организација на к.к. Хераклеа

Меѓународната соработка со кугларските екипи од Крагујевац и Крушевац ја негуваме веќе неколку години. Благодарение на таа одлична соработка, во улога на организатори бевме домаќини на к.к. Цар Лазар од Крушевац, екипа која игра во Супер лигата во исклучително силната лига во Србија и екипата на ГТЦ од Скопје.
Терминот за овој тромеч лесно го договоривме, а ГТЦ како екипа од Скопје нашата покана ја прифати со задоволство.



Интересно беше што к.к. Хераклеа играше многу важен натпревар за влез во финале на КУП со екипата на Империјал Тобако на патеките од 1-4, а во истиот термин на патеките од 5-8 играа ГТЦ и Цар Лазар. Најдобрите 6 резултати на сите три екипи беа земени во предвид каде што победник е екипата која ќе има најмногу соборени дрва. Нас воопшто не ни беше лесно на овој пријателски натпревар бидејќи играчите ни беа во грч поради тензијата и важноста за влез во финалниот натпревар на Купот против екипата на Империјал Тобако.

На овој натпревар се постигнаа добри резултати каде што убедливо победник беше екипата на ГТЦ со 3311 вкупно соборени дрва. Второто место им припадна на гостите со 3190 дрва, кои за само 10 дрва беа подобри од нас. Ние бевме хендикепирани со тоа што игравме само со 6 играчи и немавме можност како другите два клубови да го исфрлиме најлошиот резултат. Во поглед на резултатите најдобри во своите екипи беа најмладиот куглар во Хераклеа - Никола Андоновски кој имаше 557, српскиот поранешен јуниорски првак Страхиња Драмичанин од к.к. Цар Лазар и легендата Тодор Манев од ГТЦ.

На крајот следуваше и пехар за најдобрата екипа, кој беше врачен од Игор Михајловски на капитенот на екипата на к.к. ГТЦ - Тодор Манев, кугларска легенда на Македонија.

Сепак, приоритет на овој пријателски натпревар не беа постигнатите резултати туку дружењето и продлабочувањето на комуникацијата со екипите од централна Србија и можноста за организирање на заеднички меѓународни натпреварувања кои ќе им помогнат посебно на младите куглари во подготовките за големите настапи на европска сцена.

По завршувањето на тромечот, следуваше традиционален ручек со гостите во една пријателска и опуштена атмосфера каде што се родија интересни идеи и предлози кои се надевам дека во иднина ќе можеме да ги реализираме заедно со нашите пријатели од Крушевац и Скопје.




Влез во финалето на Купот на к.к. Хераклеа

Сезоната 2017/18 беше полна со предизвици од кугларски аспект за нашиот клуб. И покрај финансиските проблеми, клубот од Битола реши да учествува во Купот на Македонија и да се натпреварува.
Како што е добро познато ги поминавме квалификациите на Купот и како 4-то пласирана екипа успеавме да влезиме во 1/2 финалето каде што со екипата на Империјал Тобако од Скопје го одигравме првиот меч и со убедливи 7:1 и 19.5 освоени сетови во Битола, остваривме недостижна предност за возвратниот натпревар.

Иако свесни за недостижната предност која ја остваривме во Битола, бевме внимателни и со доза на почит кон противникот умно ја изработивме нашата стратегија во поставувањето на играчите.

Клишето на размислување на тренерот на Империјал Тобако беше пробиено многу лесно и кога ја видовме нивната поставеност на играчите сфативме дека тој натпревар за нас ќе биде само рутина.


Очекувано домаќините на овој натпревар истрчаа со нивните два најдобри играчи во МКЛ. Младен како нивен топ играч на позиција 1 и Нунев кој кугла одлично. Во првиот блок, Михајловски беше принесената „жртва“ од Хераклеа кој одлично парираше на нивниот најдобар куглар и до последните кугли имаше можност и да го добие поенот, но Младен одигра зрело и не допушти изненадување. Колев пак, многу несреќно го загуби поенот иако имаше и водство после третиот сет од 2:1, и после играта во полни во четвртиот, па направи натрпеварот да влезе во неизвесност.

Во вториот блок куглаа капитенот Поповски и нашиот најдобар просек Димовски Пеце. И двата влегоа во натпреварот несигурно и го загубија првиот сет што реално им даде крила на домаќините и ги разгори нивните желби за убедлива победа на овој натпревар. Ќе повторам ние на овој натпревар игравме само за освојување на 1 поен и тоа беше нашиот фокус т.е. влез во финалето на Купот. Пеце со одлична игра се врати во натпрварот во вториот сет се стекна и со предност, за на крај Мандаровски на 116 кугла од полуолимписка успеа да ја уништи позиција и со либек и еден промашување да не влезе во нова постава што вроди со нервоза и неспортско однесување на истиот кое разбирливо не беше санкционирано од страна на судијата, кој после натпреварот ја призна својата грешка, но не влијаеше на самиот тек на натпреварот. Со овој поен веќе натпреварот за нас беше завршен и остатокот од натпреварот беше само формално исфрлување на кугли.

Третиот блок нашиот најмлад играч Никола Андоновски кој требаше да игра против Чипишков (Претседавачот на КФМ во оставка) кој видно разочаран од неуспехот на својот клуб го препушти своето место на еден од помладите куглари на Империјал, што беше лесен залак за нашиот талентиран јуниор и со предност од 2:0 во сетови само рутински го доведе поенот на контото на својот клуб. Со оглед на тоа што екипно имавме повеќе соборено чуњеви и освоени 2 поени од дуел играта, овој натпревар заврши нерешено т.е. 4:4.

Со оваа драгоцена победа во полуфиналето со 7:1 и 4:4, кугларскиот клуб Хераклеа од Битола успеа да се плаисира во финалето на Купот на Р.Македонија кој ќе се одигра на 28 април. Ова е еден огромен успех на битолскиот клуб кој по втор пат во својата историја влегува во финалето на Купот. Во финалето ќе треба да играме против големиот Макпетрол кој важи за апсолутен фаворит на овој меч.

Единствената шанса за успех на Битолчани на овој натпревар е факторот на изненадување и минимизирање на техничките грешки на кугларите од Хераклеа. Се игра само еден натпревар (на кугланата каде што тренира Макпетрол, што е дополнителен проблем за нас) но сепак можно е кугларско чудо. Потребна ќе ни биди дополнителна доза на кугларска храброст и агресивност во играта уште од првата кугла со фанатична борба за секој чун повеќе, за секоја подобра позиција за секоја кугла која ќе мора да биде „умно“ исфрлена. Само на овој начин умно со земање сет за сет имаме шанса да се надеваме за трофејот.

Нека ни е честито второто финале на Купот. Ако го освоиме Купот тогаш 100% излегуваме на меѓународниот NBC турнир, ако загубиме и сме втори, со оглед на ставот на Макпетрол да излезе токму на овој респектабилен куп, ќе мора да бидат задовоени уште два услови на (Вардар и ГТЦ), но има време за калкулации. Не очекува овој битен финален меч и веруваме дека можиме да приредиме изненадување.

Saturday, April 14, 2018

Кугларите од Битола на чекор до Финалето на Купот

Денешниот натпревар беше еден од потешките натпревари поради негативниот набој кој го имаме на релација Хераклеа - Чипишков (инаку Алфа и Омега во к.к.Империјал Тобако, а воедно и Претседавач со Кугларската Федерација на Македонија).

Имено, како што е веќе познато, горенаведеното лице оваа сезона со неправедно донесени одлуки, самоиницијативно, успеа да наштети на битолскиот кугларски клуб и да скрати 6 поени на Хераклеа, кои ќе не донесеа сигурно на третата позиција во МКЛ.

Во ист стил, дрско и безобразно, без било каква најава или допис, самоиницијативно како гостин донесе двајца искусни судии од Скопје на денешниот натпревар без да биде запознаен нашиот клуб. Затекнати во една таква ситуација, немајќи каде да се пожалиме бидејќи Гоце ја има монополизирано КФМ, ги стави искусните судии Љупчо и Диме во небрана ситуација, кои креваа раменици и не знаеа што да кажат во одбрана на нашите забелешки.


Така и започнавме, а Гоце скоро и да не седеше во кугланата. Нашите играчи беа подготвени да не реагираат на можни реакции и таа психолошка подготовка се одрази веднаш на мечот.

На позиција бр.1 беше Пеце Димовски, куглар со најдобар просек во МКЛ од Битола, а на позиција 2, капитенот Цане Поповски. Двата во полна концентрација искуглаа брилијантно не допуштајќи на противниците да земат воздух наметнувајќи жестоко темпо уште со првата кугла. Огромната предност која ја направија овие двајца куглари беше многу значајна за понатамошниот дел од натпреварот. Вкупно во сетови беше 7:1 во овој дел.

Во вториот круг, на позиција 3 и 4 играа Цане Колев и Игор Михајловски.
Противникот беше надмудрен во поставеноста на нашите играчи и токму Младен Донковски, ударната игла на Империјал налета на секогаш одличниот Колев кој го елиминира со 4:0.
Михајловски пак, имаше трет сет од бајките, и со невидени за Битола 78 во чистење или 169 на таа патека успеа да ја достигне вкупната цифра од 557 што не само што беше најдобар резултат на натпреварот, туку е и резултат кој ретко се гледа во Битола, а воедно овој резултат е втор по јачина од кога постои битолската куглана. Двата поени беа добиени и најубедливи 8:0 во сетови.

Третиот блок, Љупчо Спирковски проба да кугла, повеќе ревијално, но успеа да земе само 0.5 сет од 2, а на негово место влезе Менде Андоновски кој во последните кугли не успеа да го добие сетот и го изгуби поенот. Никола Андоновски, јуниорскиот првак, играше и рутински го доведе мечот во своја полза. Нерешено во поени 1:1, но голема предност во сетови, 4.5: 3.5


Овој натпревар беше и емотивен за нас и токму на најдобар можен начин му покажавме на Гоце Чипишков колку не е во право и го декласиравме на кугларските патеки и лично него со 100 чуњеви разлика и неговата екипа со скоро 300 дрва разлика што можеби е една од најубедливите победи на Битолчани иако се работеше за 1/2 Финале на Купот на Македонија во куглање.

Што значи ова за Битолчани? Значи дека на возвратниот натпревар кој ќе се одигра во Скопје наредната сабота, на кугланата каде што кугла Империјал Тобако, нас ни се потребни барем 1 поен и барем 5 сетови. Во тој случај к.к. Хераклеа ќе биде подобра од Империјал Тобако и ќе го чека подобриот од другото 1/2 финале каде што играат екипите на Макпетрол и ГТЦ. Тој натпревар заврши со убедлива предност на Макпетрол од 6:2, што скоро е извесно кој ќе биде во финалето и од нашиот дуел и од другиот дуел.

Не сакаме да брзаме со изјави за постигнат успех, но учеството во финалето со Макпетрол и можноста преку еден натпревар да се одрени победникот на Купот за нас ќе значи многу и веќе се разгоруваат желбите кај нас конечно да го крениме тој трофеј и да го одбележиме најголемиот успех на оваа кугларска генерација.