Кугларите од Битола на чекор до Финалето на Купот

Posted by Unknown on 9:58 AM with No comments
Денешниот натпревар беше еден од потешките натпревари поради негативниот набој кој го имаме на релација Хераклеа - Чипишков (инаку Алфа и Омега во к.к.Империјал Тобако, а воедно и Претседавач со Кугларската Федерација на Македонија).

Имено, како што е веќе познато, горенаведеното лице оваа сезона со неправедно донесени одлуки, самоиницијативно, успеа да наштети на битолскиот кугларски клуб и да скрати 6 поени на Хераклеа, кои ќе не донесеа сигурно на третата позиција во МКЛ.

Во ист стил, дрско и безобразно, без било каква најава или допис, самоиницијативно како гостин донесе двајца искусни судии од Скопје на денешниот натпревар без да биде запознаен нашиот клуб. Затекнати во една таква ситуација, немајќи каде да се пожалиме бидејќи Гоце ја има монополизирано КФМ, ги стави искусните судии Љупчо и Диме во небрана ситуација, кои креваа раменици и не знаеа што да кажат во одбрана на нашите забелешки.


Така и започнавме, а Гоце скоро и да не седеше во кугланата. Нашите играчи беа подготвени да не реагираат на можни реакции и таа психолошка подготовка се одрази веднаш на мечот.

На позиција бр.1 беше Пеце Димовски, куглар со најдобар просек во МКЛ од Битола, а на позиција 2, капитенот Цане Поповски. Двата во полна концентрација искуглаа брилијантно не допуштајќи на противниците да земат воздух наметнувајќи жестоко темпо уште со првата кугла. Огромната предност која ја направија овие двајца куглари беше многу значајна за понатамошниот дел од натпреварот. Вкупно во сетови беше 7:1 во овој дел.

Во вториот круг, на позиција 3 и 4 играа Цане Колев и Игор Михајловски.
Противникот беше надмудрен во поставеноста на нашите играчи и токму Младен Донковски, ударната игла на Империјал налета на секогаш одличниот Колев кој го елиминира со 4:0.
Михајловски пак, имаше трет сет од бајките, и со невидени за Битола 78 во чистење или 169 на таа патека успеа да ја достигне вкупната цифра од 557 што не само што беше најдобар резултат на натпреварот, туку е и резултат кој ретко се гледа во Битола, а воедно овој резултат е втор по јачина од кога постои битолската куглана. Двата поени беа добиени и најубедливи 8:0 во сетови.

Третиот блок, Љупчо Спирковски проба да кугла, повеќе ревијално, но успеа да земе само 0.5 сет од 2, а на негово место влезе Менде Андоновски кој во последните кугли не успеа да го добие сетот и го изгуби поенот. Никола Андоновски, јуниорскиот првак, играше и рутински го доведе мечот во своја полза. Нерешено во поени 1:1, но голема предност во сетови, 4.5: 3.5


Овој натпревар беше и емотивен за нас и токму на најдобар можен начин му покажавме на Гоце Чипишков колку не е во право и го декласиравме на кугларските патеки и лично него со 100 чуњеви разлика и неговата екипа со скоро 300 дрва разлика што можеби е една од најубедливите победи на Битолчани иако се работеше за 1/2 Финале на Купот на Македонија во куглање.

Што значи ова за Битолчани? Значи дека на возвратниот натпревар кој ќе се одигра во Скопје наредната сабота, на кугланата каде што кугла Империјал Тобако, нас ни се потребни барем 1 поен и барем 5 сетови. Во тој случај к.к. Хераклеа ќе биде подобра од Империјал Тобако и ќе го чека подобриот од другото 1/2 финале каде што играат екипите на Макпетрол и ГТЦ. Тој натпревар заврши со убедлива предност на Макпетрол од 6:2, што скоро е извесно кој ќе биде во финалето и од нашиот дуел и од другиот дуел.

Не сакаме да брзаме со изјави за постигнат успех, но учеството во финалето со Макпетрол и можноста преку еден натпревар да се одрени победникот на Купот за нас ќе значи многу и веќе се разгоруваат желбите кај нас конечно да го крениме тој трофеј и да го одбележиме најголемиот успех на оваа кугларска генерација.